Барди пред пресметката со „кралскиот клуб“: Досега не знам за пораз од Реал Мадрид

Македонскиот фудбалски репрезентативец Енис Барди фудбалски ужива во Ла Лига, а утре со тимот на Леванте ќе го има најголемиот предизвик, пресметка против актуелниот европски првак Реал Мадрид. Она што е многу интересно и го потенцираат во Шпанија, е дека Леванте нема пораз од Реал Мадрид, откако Енис Барди дојде во клубот.

Од јули 2017 година кога македонскиот фудбалер се приклучи на Леванте, најпрво во сезоната 2017/2018 двата меѓусебни натпревари завршија без победник (1-1 и 2-2), а оваа сезона во првиот меѓусебен дуел од Ла Лига на „Сантијаго Бернабеу“, Леванте славеше со 1-2 во Мадрид. И на сите три натпревари настапи македонскиот репрезентативец.

„Тоа е навистина нешто специфично. Не знам за пораз од Реал Мадрид, но мора да се истакне дека како тим играме максимално ангажирани носени од желбата успешно да се парира на најголемиот европски клуб. Се надевам дека и по утрешниот натпревар и натаму нема да знам за пораз од кралскиот клуб“ – вели Енис Барди за Макфудбал.мк.

Натпреварот меѓу Леванте и Реал Мадрид се игра утревечер (20.45 часот) на стадионот „Сиудад де Валенсија“.

Се вчитува...