Барса е во нокдаун, ваков лош старт немала 18 години

Барселона се наоѓа во огромна криза, претседателот Бартомеу го напушти бродот што тоне пред да има гласање за недоверба во неговата работа, а тренерот што тој го доведе, Холанѓанецот Роналд Куман, бележи очајни резултати како предводник на каталонскиот гигант. По првите шест одиграни кола Барселона има две победи (над Вилјареал и Селта), две реми (со Севилја и со Алавес), како и порази од Реал Мадрид, премалку за тим составен од бројни фудбалски мегаѕвезди.

Меси очигледно се уште е незадоволен што не му беше дозволно да си замине, далеку од посакуваната форма се и Пике и Бускетс, Де Јонг никако не успева да ја оправда ланската инвестиција, а Гризман сериозно атакува да стане поголемо трансфер-разочарување и од Дембеле и од Кутињо.

Историјата вели дека Барса немала вака лош старт уште од сезоната 2002/2003, кога на клупата исто така седеше Холанѓанец, Луј ван Гал во неговата втора авантура како предводник на каталонскиот гигант. Тогаш, исто како и сега, Барса во првите шест натпревар освои само осум бода, тимот не се опорави од слабиот старт, па Ван Гал доби отказ на средина од сезоната.

Ако се барааат послаби бројки кај еден дебитант-тренер на клупата на Барселона, ќе треба да се вратиме до 1971 година, кога Ринус Микелс го презеде кормилото од Вик Бакингем. Тогаш Барса стартуваше со победа од 3-0 над Реал Сосиедад, по што следеа порази од Еспањол, Лас Палмас и Спортинг, па реми-дуели со Атлетико Мадрид и со Бетис.

Времето одминува, заостанувањето зад водечките од недела во недела се повеќе се зголемува, а Куман не делува како стратег што знае да го извлече бродот што тоне и да го врати во „мирни води“.

Се вчитува...