Барса го краде Малком пред носот на Рома

Бразилскиот офанзивец Малком неочекувано стана една од ѕвездите на овој преоден рок, тој пред два месеци беше поврзуван со Баерн Минхен и Интер, потоа понуди испраќаа клубови од Премиер-лигата, синоќа се чинеше дека сагата ќе заврши со трансфер во Рома, за во последен момент во трката да се вклучи и Барселона.

Бордо создаде вистинска конфузија во текот на вчерашниот ден, откако францускиот клуб најпрвин објави дека постигнал договор со „волчицата“ за трансфер вреден 32,5 милиони евра. Беше најавено и дека Малком во текот на ноќта со приватен авион ќе допатува во Рим, за денеска да го потпише договорот, но ситуацијата во последен момент се променила – откако на сцена стапила Барса.

Француските медиуми тврдат дека понудата на каталонскиот гигант е супериорна во однос на онаа на Рома, понудена е и повисока плата за фудбалерот, кој во меѓувреме и самиот го променил планот и сега сака да се пресели на „Камп ноу“. Како што јавуваат каталонските медиуми, трансферот е близу до реализација, а тренерот Валверде се решил на ваков чекор откако Челси ја одбил и најновата понуда од 80 милиони евра за Вилијан, па Барса погледите целосно ги насочила кон Малком.

Се вчитува...