Барса го отпушти преку е-маил, сега ќе му плати казна од 8,5 милиони евра

Барселона скапо ќе го плати прекинот на соработкатасо својот поранешен фудбалер, Бразилецот Матеус Фернандеш, кој ја доби судската битка со каталонскиот гигант, во која се жалеше на неправеден раскин на договорот. Според пресудата, Барса ќе мора да му исплати на Фернандеш над осум милиони евра. Судскиот процес бил завршен во ноември минатата година, но каталонските медиуми дури денеска дознале за пресудата што ќе биде нов сериозен удар за претседателот Жоан Лапорта.

Матеус Фернандеш пристигна во Барселона од Палмеираш во јануари 2020 година за сума од седум милиони евра. Тој одигра само еден меч за Барса, во Лигата на Шампионите против Динамо Киев, по што каталонците решија предвреме да ја прекинат соработката со него иако имаше валиден договор до јули 2024 година.

Матеус беше особено разочаран што воопшто не бил повикан на состанок од тогашниот тренер или од управата, туку одлуката за раскинот на договорот му била соопштена преку кратка порака на неговата емаил-адреса.

Тој покренал судски процес, Барса се правдала со недоволна физичка подготвеност нудејќи докази потпишани од кондициски тренер, но откако Фернандеш успеал да докаже дека тој ниту еднаш додека бил во клубот воопшто не работел со тој тренер, следела пресуда во негова корист.

Тој во тужбата барал да му биде целосно исплатен договорот што го имал, вреден над 14 милиони евра, но судот одлучил дека тој и по заминувањето од Барселона се уште игра фудбал и заработува, поради што ќе добие „само“ 8,5 милиони евра.

Се вчитува...