Барса има план како да не плати ниту евро за Депај

Барселона е подготвена во текот на оваа седмица да ги финишира преговорите за Мемфис Депај, а каталонскиот гигант во меѓувреме направи и план како да го осигура потписот на холандскиот голгетер без да плати ниту евро за неговите услуги. Лион се наоѓа во небрано, мора да го продаде фудбалерот што следното лето би си заминал без отштета, а францускиот клуб веќе ја одреди и цената за овој голгетер – 30 милиони евра.

Иако не станува збор за превисока сума, челниците на Барселона ќе се обидат да избегнат плаќање нудејќи директна размена на Депај за Самуел Умтити. Французинот не е дел од плановите на Роналд Куман, но исто така се наоѓаше на листата со желби на Лион уште од пред неколку месеци. Барса бара 30 милиони евра за неговиот трансфер, или во случајов ќе понуди директна размена за Депај.

Челниците на Лион се принудени да ја реновираат одбранбената линија, Марсал замина во Вулверхемптон, а Денајер е многу блиску до преселба во Наполи. Во една таква ситуација, Умтити би бил добредојден како нов „командант“ на одбраната, а парите од продажбата на Денајер би биле искористени за доведување на нов напаѓач на местото на Депај. Холанѓанецот наводно веќе ги има договорено личните услови за трансфер во Барселона.

Се вчитува...