Барса има план: Жоао Феликс на местото на Ансу Фати

Барселона ќе тргне во офанзива за потпис на Жоао Феликс пред самиот крај на преодниот рок, како последно засилување на каталонскиот гигант летово. Токму планираното доаѓање на Феликс е причината поради која Лапорта дал зелено светло за заминување на Ансу Фати, кој во следните 24 часа би требало да го напушти таборот на Барса и да го препушти своето место на португалската суперѕвезда.

Феликс уште пред еден месец јавно изјави дека Барселона би била идеален клуб за него, со што го навлече бесот на навивачите, но и на тренерот Симеоне, кој го избриша од плановите за првиот тим на Атлетико. Беше споменуван и како можен наследник на Салаах во Ливерпул, но египетскиот ас нема да си замине од „Енфилд“, па „црвените“ со самото тоа нема да бараат нов голгетер. Феликс од клупата ги следеше првите средби на мадридскиот тим во новата сезона, но како што стојат работата, ситуацијата ќе тргне на подобро и ќе му се исполни желбата да го облече дресот на Барселона.

Каталонците веќе почнале преговори за ангажман на Жоао Феликс, и тоа за едногодишна позајмица од таборот на Атлетико. Самиот фудбалер наводно е подготвен да прифати и намалување на платата само за да дојде на „Камп Ноу“, па големи се шансите најдоцна до утре овој трансфер да биде комплетиран и Левандовски да добие идеален партнер за нападот на Барса.

Се вчитува...