Барса ќе донесе тренер за кого ретко кој има слушнато?

Жоан Лапорта е цврсто решен да му врачи отказ на Роналд Куман, но потрагата по нов тренер се одвива многу потешко од очекувањата на првиот човек на Барселона. Роберто Мартинез е решен да остане на чело на белгиската репрезентација, а бавно се одвиваат и разоворите со Чави, кој не е убеден во проектот на Лапорта за да си замине од Ал Сад во Катар и да се врати назад на „Камп Ноу“.

Во една такваа ситуација, Лапорта сериозно размислува да се сврти кон тренер кој е далеку под реномето на Барса и за кого малкумина имаат слушнато. Станува збор за Оскар Гарсија, поранешниот фудбалер на Барселона кој настапуваше за овој тим под водство на Јохан Кројф од 1993 до 1999 година, постигнувајќи 21 гол на 69 натпревари.

Оскар Гарсија моментно е тренер на францускиот  прволигаш Ремс, а првиот тренерски ангажман го имаше во 2012 година, како предводник на Макаби Тел Авив, во моментите кога Жорди Кројф беше директор на израелскиот клуб. Токму Жорди сега е директор и во Барселона, па Гарсија е негов „пик“ во потрагата по нов тренер.

Засега главниот збор во оваа потрага го има Лапорта, но доколку претседателот не пронајде адекватно решение во наредните денови, лесно може да се случи Оскар Гарсија во текот на репрезентативната пауза да се врати назад на „Камп Ноу“, овојпат како шеф на стручниот штаб на каталонскиот гигант.

Се вчитува...