Барса ќе игра „Ел Класико“, Меси ќе седи во самоизолација

Лионел Меси повторно се наоѓа во центарот на вниманието на шпанската јавност откако беше најавено дека аргентинскиот ас ќе го пропушти големото дерби против Реал Мадрид бидејќи ќе мора тој период да го мине во карантин.

Меси неодамна објави дека планира да игра за Аргентина од почетокот на квалификациите за СП 2022, што стартуваат во октомври со дуелите против Еквадор (8 октомври) и Боливија (13 октомври). Проблем за Барселона се предвидените мерки на шпанските власти, според кои секое лице што пристигнува од Јужна Америка во Шпанија ќе мора да ги мине следните 14 дена во самоизолација, како заштита од ширење на коронавирусот.

Барса во тие 14 дена ќе се сретне со Хетафе, Алавес, но и ќе го игра големото дерби со Реал Мадрид закажано за 25 октомври. ФИФА им наложи на европските клубови да ги ослободат јужноамериканските фудбалери за овој квалификациски циклус, но се очекува ситуацијата допрва да се вжешти бидејќи голем број екипи ќе останат без важни играчи, доколку во меѓувреме во евопските држави не бидат променети правилата за самоизолација или во најмала рака направен исклучок за спортистите кои се враќаат од репрезентативни настапи.

Се вчитува...