Барселона конечно одигра еден натпревар каков што му доликува на каталонскиот гигант, создавајќи бројни шанси и триумфирајќи со убедливи 4-0 над Бетис. Титулата е речиси осигурана, но каталонците во последниот месец беа критикувани поради неинвентивноста и неефикасноста во нападот. Откако пред неколку дена загубија на гостувањето против Рајо Валјекано, избраниците на Чави вечерва беа на висина на задачата и без многу мака го совладаа Бетис.
Резултатот беше отворен по нецели 15 минути игра, Рафиња нафрли од десната страна, на вистинското место се најде Кристијансен, кој го постигна својот прв гол во дресот на Барса. Бетис се обиде да парира, но борбата стана неизрамнета откако Едгар набрзина доби два жолти картона и мораше да го напушти теренот.
Барселона знаеше како да го казни тоа, па за нецели десет минути постигна уште два гола до крајот на првото полувреме, најпрвин Левандовски стрелаше прецизно на асистенција на Кунде, а потоа Рафиња одлично втрча и зголеми на 3-0.
Каталонците продолжија да доминираат и во вториот дел, создадоа неколку шанси, Левандовски го погоди дирекот од голот на Бетис, а пред крајот стигнаа и до конечните 4-0, со автоголот што го постигна Гвидо по одличната соло-акција на Ансу Фати.
На шест кола до крајот на сезоната Барселона има 11 бода предност во однос на Реал Мадрид и јасно е дека каталонскиот гигант е на чекор до нова титула во Ла Лига.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА