Ситуацијата навидум е едноставна – Лео Меси го сака Лаутаро Мартинез во Барса, а управата на каталонскиот гигант е подготвена да ја исполни оваа желба на големиот ас. И самиот Лаутаро инститира на трансфер токму во Барселона од бројните европски гиганти што сакаат да го ангажираат, а згора на тоа Аргентинецот има и клаузула од 111 милиони евра во договорот со Интер, со што можат да се избегнат долгите преговори со италијанскиот клуб.
Само што има еден проблем – раководството на Барса нема намера да плати толкаво богатство за да го доведе Лаутаро, дури и по цена да го налути Меси со ваквиот став. Причина се „болките од минатото“, откако последните двапати кога беше надминувана границата од 100 милиони евра, за Дембеле и Кутињо, овие двајца фудбалери се покажаа како огромни промашувања, па сега не можат да бидат продадени ни за 50% од вложените средства. Згора на тоа, економската криза поради коронавирусот дополнително ќе се почувствува во периодот што следи, а Барса планира да го доведе и Нејмар, па каталонскиот гигант ќе се обиде да ја спушти цената што ја бара Интер.
Токму затоа, во понудата до „нероаѕурите“ ќе бидат вклучени неколку актуелни фудбалери на Барса, се со цел паричната сума што ќе биде платена да не надминува 50 милиони евра. Артуро Видал дефинитивно ќе биде вклучен во понудата бидејќи станува збор за играч за кого Конте има високо мислење, а се очекува каталонскиот гигант да се обиде да ги испрати во Милано и Артур и Алења, како и дефанзивецот Тодибо, кој би бил испратен на едногодишна позајмица.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА