Барса прави фарса за Нејмар да заигра на „Ел Класико“

Барселона не се откажува од намерата Нејмар да стане достапен за настап на големото дерби со Реал Мадрид дури и откако жалбата на каталонскиот гигант беше одбиена од страна на Шпанската Фудбалска Федерација. Информациите од Шпанија говорат дека каталонскиот гигант сега се жалел до Судот за Спортска Арбитража во Шпанија, а за целата ситуација да се претвори во фарса – Барселона жалбата ја поднела по 14 часот, кога оваа организација имала закажан состанок за да дискутира за сите жалби во изминатата седмица.

Според медиумите, целта е јасна – комисијата да нема кога да расправа за жалбата пред почетокот на Ел Класико (недела навечер), а со тоа Барселона да го толкува правилникот дека суспензијата не може да биде правосилна додека не се истрошат сите правни механизми за докажување на невиноста.

Каталонците во следните 24 часа ќе притискаат за да добијат зелено светло за настап на бразилскиот ас, но добро упатените тврдат дека тоа многу тешко ќе се случи, бидејќи постои веројатност дури и да го добијат натпреварот, потоа со негативен одговор од Арбитражата да следи и службен пораз и одземање на бодови. Последна реална опција за Барса е Судот за Арбитража да направи преседан (никогаш досега не заседавал во сабота) и да се состане денеска за да дискутира само за овој случај, со што би се донела дефинитивна одлука која би морала да биде почитувана до крај.

Во спротивно, дури и доколку Нејмар заигра на „Ел Класико“, ќе останат сомнежите дали конечниот резултат на големото дерби ќе остане валиден по завршувањето на процесот на апелација.

Се вчитува...