Барса продолжува со распродажбата – Се бара купец за Умтити

Барселона не запира со распродажбата на фудбалерите кои не ги исполнија очекувањата во ланската сезона, се со цел да се намали огромниот буџет за плати на каталонскиот гигант. Веќе си заминаа Видал и Ракитиќ, Суарез е пред преселба во Атлетико Мадрид, десниот бек Семедо беше продаден во Вулверхемптон, а следен на листата на планирани заминувања е Самуел Умтити.

Французинот имаше проблеми со повреди, на оние мал број натпревари на кои настапи беше далеку од посакуваното ниво, а новиот тренер Роналд Куман експресно го извести дека е прекуброен во неговите планови за одбранбената линија.

Каталонскиот весник „Спорт“ објави дека пет екипи моментно се во игра за потписот на искусниот одбранбен фудбалер. Лион му нуди на Умтити враќање во татковината, но проблемот е што францускиот прволигаш нема доволно пари за да ја покрие платата што дефанзивецот ја зема во Барса, а тој пак не прифаќа намалување. Ист е и проблемот во понудата на Рен, клуб што создаде одличен играчки кадар составен од млади асови, каде Умтити со своето искуство би донел дополнителен квалитет.

Манчестер Јунајтед е доволно финансиски моќен за да го доведе Умтити, особено во ситуација кога тандемот Мегваер – Линделоф воопшто не функционира. Како опција се споменува и Интер, кој го бараше Умтити во преговорите за Лаутаро Мартинез. По заминувањето на Годин, не се исклучува можноста Конте да тргне по Французинот, особено во ситуација кога и Шкринијар најавува заминување од „Џузепе Меаца“.

Последна варијанта е трансфер во Арсенал, но „топчиите“ го потрошија буџетот за засилувања, па би испратиле само понуда за едногодишна позајмица.

Се вчитува...