Барса реши: Ракитиќ си оди на крајот од сезонава

Иван Ракитиќ е подготвен за промена на клупските бои на крајот од сезонава откако и раководството на Барселона даде зелено светло за негов трансфер. Хрватот подолго време преговараше со каталонскиот гигант за продолжување на актуелниот договор, но управата на Барса вчера и дефинитивно ги прекина овие разговори, јасно ставајќи до знаење дека Ракитиќ е достапен за трансфер во летниот преоден рок.

Актуелниот договор на Ракитиќ истекува во 2021 година, но на каталонците им е јасно дека како што ќе одминува времето така и неговата вредност ќе паѓа, поради што ќе настојуваат да го продадат час поскоро. Сумата што Барса очекува да ја наплати од овој трансфер изнесува 65 милиони евра, пари што ПСЖ и Челси можат да си ги дозволат, а можно е во трката да се вклучи и Интер.

Замената за Ракитиќ е веќе договорена, трансферот на Френки де Јонг од Ајакс е предвреме официјализиран, а ако на ова се додаде интересот и за Рабио, јасно е дека каталонскиот гигант веќе го планира „животот без Ракитиќ“ од наредната сезона.

Се вчитува...