Барса тргнува по Мохамед Салах

Мохамед Салах е голема желба на Барселона и каталонскиот гигант е подготвен да тргне во офанзива за да го доведе асот на Ливерпул на „Камп Ноу“. Оваа информација прв ја отвори холандскиот портал „voetbalzone.nl“ повикувајќи се на изјава на близок пријател на тренерот Роналд Куман, кој тврди дека Холанѓанецот воопшто не е заинтересиран за Садио Мане, туку го сака Салах во својот тим во Барселона.

Египетскиот голгетер и во претходните години беше поврзуван со преселба на „Камп Ноу“, но тогаш на сила беше клаузулата од две години во кои Барса не смееше да купува од Ливерпул (во спротивно вредноста на трансферот автоматски ќе скокнеше за дополнителни 100 милиони евра) вметната при трансферот на Филипе Кутињо. Сега таа клаузула е истечена, каталонците можат пак да тргнат на „шопинг“ на „Енфилд“, а покрај Вајналдум покажуваат сериозен интерес и за Салах.

Британскиот весник „Експрес“ најавува дека Барселона сигурно ќе испрати понуда до крајот на овој преоден рок, но тешко е за верување дека Ливерпул ќе прифати да остане без својот најдобар фудбалер, кој со хет-трик во првото коло ја отвори новата сезона. Многу пореално е да бидат почнат разговори, но за трансфер на крајот од сезонава, кога Барса најверојатно ќе остане без Лионел Меси, па би можела да тргне по Салах како нов лидер на нападот на каталонскиот гигант.

Се вчитува...