Барса загуби уште една трка, ќе се теши со бек од Чемпионшип-дивизијата

Барселона даде зелено светло за заминување на Нелсон Семедо во Вулверхемптон, но каталонскиот гигант се соочува со сериозен проблем да донесе соодветна замена за португалскиот репрезентативец. Прва желба на каталонскиот гигант беше Сержињо Дест од Ајакс, но понудата за едногодишна позајмица беше експресно одбиена од страна на холандскиот првак.

Во прилог на Ајакс одеше и фактот дека за Дест се интересираше и Баерн, па по долги преговори баварскиот гигант ја доби оваа трка, покривајќи ја бековската позиција и овозможувајќи Кимих целосно да се посвети на позицијата последен играч за врска, по заминувањето на Тијаго во Ливерпул.

Уште поразочарувачки за Барселона е фактот дека новата опција што се споменува е играч што лани испадна од Премиер-лигата, Макс Аронс од Норвич. Станува збор за сосема просечен играч со кого Барса ги договорила личните услови, но сега има проблем – да постигне договор со клубот, откако „канаринците“ ја одбиле првата понуда за едногодишна позајмица. Без оглед дали ќе го доведе Аронс или некоја друга опција, повеќе од очигледна е недоволната финансиска моќ на каталонците, кои пуштија играчи како Видал и Ракитиќ да си одат без отштета (се очекува истото да се случи и со Суарез), па сега немаат доволно пари за врвни засилувања во текот на овој преоден рок.

Се вчитува...