Барселона го нуди Кутињо на Интер за да дојде до Лаутаро Мартинез

Фудбалот е парализиран на теренот, но овој вакуум клубовите го користат за планирање на трансферните активности во летниот преоден рок. Барселона со сите сили тргнува во лов на Лаутаро Мартинез, а подготвена е во пакетот да го вклучи Фелипе Кутињо и да го испрати назад во Италија. Бразилецот беше дел од Интер во периодот од 2008 до 2013 година и би можел да дојде на двегодишна позајмица во составот на Антонио Конте.

Барселона сака да најде начин да ја намали отштетата за Лаутаро Мартинез која изнесува 111 милиони евра. Кике Сетиен очајно посакува уште еден квалитетен напаѓач во тимот кој треба да биде долгорочна замена за Луис Суарез.

Од друга страна, Конте верува дека Фелипе Кутињо и Кристијан Ериксен би биле одличен тандем во средниот ред на Интер и тимот би добил многу на креација. Кутињо оваа сезона како позајмен играч од Барселона настапува за германскиот првак Баерн Минхен, а баварскиот клуб се изјасни дека нема намера комплетно да го откупи неговиот договор.

Се вчитува...