Барселона го обезбеди Дика Мем до 2024

Барселона потпиша нов договор со францускиот репрезентативец, Дика Мем со важност до крајот на сеозната 2023/2024. Со ангажманот на долг рок на 20-годишниот Французин, Барса ја осигура десната бековска позиција на подолг рок.

Дика Мем дојде во Барселона од Трембле во 2016 година на 18-годишна возраст и во првата сезона во каталонскиот клуб делеше минутажа со Кире Лазаров. Актуелниот договор на перспективниот француски бек беше до 2022, но каталонскиот тим реши со време да ја обезбеди иднината. Тој е еден од најперспективните млади ракометари во светот кој за две години стана еден од клучните играчи во составот и концепцијата на тренерот Џави Пасквал.

„Сакам да му се заблагодарам на клубот за довербата што ми ја даде и на соиграчите кои се секогаш покрај мене. Кога дојдов во Барселона реков дека сум овде за да победувам, научив многу овде, имам поддршка од тимот и од тренерот и сакам да покажам дека можам да му помогнам на тимот иако имам само 20 години. Се надевам дека и во иднина ќе продолжиме во таа насока. Мојот сон е со Барселона да го подигнам пехарот во Лигата на шампионите“ – вели Дика Мем.

Договорите со Барселона на крајот на сезоната ги продолжија и Гонзало Перез де Варгас, Раул Ентрериос, Аитор Арињо, Тимоти Н’Гесан и Алеикс Гомез.

Барселона ќе биде еден од противниците на Вардар во групата А, во претстојната сезона во Лигата на шампионите.

Се вчитува...