Барселона славеше со 3-0 против Ваљадолид на гостувањето во 15. коло од Ла Лига, но триуфот е во сенка на се поотвореното пишување на шпанските медиуми за сериозни проблеми во соблекувалната на каталонскиот тим.
Како што пренесуваат Шпанците, дури пет фудбалери на Барса отворено се побуниле против Лионел Меси. Тер Штеген, Пуиг, Дембеле, Умтити и Жуниор Фирпо му предочиле на Меси дека им смета што како капитен комуницира само со фудбалерите кои подолго време се во Барселона, а не со сите. Истите побарале од него веќе конечно да каже дали планира да замине од клубот или ќе остане и по јуни 2021.
Меси, како што е познато, уште изминатово лето побара заминување од клубот, но на крај се одлучи да го чека крајот на договорот. Но, неговата желба за заминување, се чини, не е променета.
Сепак, и покрај проблемите во соблекувалната, тренерот Роналд Куман ја спушта топката нагласувајќи дека нема ништо посебно во тимот, а Меси е среќен во Каталонија и сигурно останува и по јуни.
„Често ме прашуваат за заминувањето на Меси, а јас им кажувам дека е среќен тука. Меси е наш клучен играч, важен за нашата креативност. Нема никаква драма во тимот“ – вели Куман.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА