Барти првпат го освои Австралија Опен, без загубен сет си обезбеди влез и во елитното друштво!

Првата носителка во женска конкуренција Ешли Барти ја оправда фаворитската улога, откако во финалниот меч на Австралија опен ја победи Американката Даниела Колинс со 2-0, по сетови 6-3 и 7-6.

Барти во првиот сет на противничката и дозволи само три гема, додека во вториот видовме пресврт и вистинска борба. Колинс имаше предност од 5-1 во гемови, но Барти покажа силен карактер и се врати на 5-5, а потоа и 6-6. Мечот се решаваше во тај-брејк, а Барти ја искористи ваквата прилика и запиша нова голема победа во својата кариера.

Австралијката со денешната победа во финалето го освои својот трет гранслем-трофеј (по Ролан Гарос во 2019 година и на Вимблдон во 2021 година).

Барти и денеска не дозволи да загуби сет, па на овој начин влезe во елитното друштво. Во женскиот тенис до гранслем-трофејот без изгубен сет стигнаа Ема Радукану на ланскиот САД опен, Ига Швјонтек во 2020 година на Ролан Гарос, а порано и Серена Вилијамс (дури шест пати), Марион Бартоли, Марија Шарапова, Жастин Анен, Линдзи Девенпорт, Венус Вилијамс, Мартина Хингис, Штефи Граф, Мери Пирс, Аранча Санчес Викарио, Моника Селеш, Мартина Навратилова.

Ешли истовремено стана и првата Австралијка што одигра финале на Австралија опен по 1980 година. За потсетување, машкото финале е на програмата утре, а таму ќе се сретнат Надал и Медведев.

Се вчитува...