Беџети нов претседател на Шкендија, Дестани на чело на Надзорниот Одбор

Висар Беџети е новиот претседател на Шкендија, објави денеска актуелниот вицешампион на Македонија на својата официјална веб-страница. Разочарувачкиот настап минатата сезона и новата загубена трка за титулата беше причина за загриженост во таборот на тетовци, па првиот човек на клубот, Лазим Дестани, најави промени во функционирањето на највисокото раководство.

Во тој правец, беше формиран Надзорен одбор со кој ќе раководи самиот Дестани, додека за нов претседател именуван беше Висар Беџети. Тој доаѓа на оваа функција на местото на Абдулменаф Беџети, кој си замина непосредно по неуспехот во финалето од Купот на Македонија против Пелистер.

Лазим Дестани денеска го формализираше формирањето на Надзорниот одбор на ФК Шкендија и именувањето на новиот претседател. Како што предупреди на крајот од минатата сезона, Дестани го прави овој потег за консолидирање на раководството на клубот. Прв потег во тој правец беше именувањето на Ќатип Османи за нов шеф на стручниот штаб, сега е формиран и Надзорниот одбор на чело со Г-дин Дестани, а формализиран е и ангажманот на Висар Беџети како нов претседател“ – се вели во информаијата на официјалната веб-страница на Шкендија.

Во Надзорниот одбор ќе членуваат вкупно шест лица, а имињата на останатите пет, од кои дел ќе бидат со богато фудбалско искуство ќе бидат обелоденети во следниот период.

Тетовскиот клуб утре патува за Литванија, каде в четврток ќе го игра првиот меч од третата квалификациска рунда за Лигата на Европа против екипата на Тракаи.

Се вчитува...