Бегство од Вардар: Новак во Зорја, Младеновски во Јагелонија, Цветановски и Жуниор во Шкендија!?

Во очекување дали клубот ќе добие лиценца за настап на европската сцена ова лето, се поголем број вардарови фудбалери го губат трпението посакувајќи за себе сигурна фудбалска средина за следната сезона.

Се поотворени се најавите за заминување од клубот на поголем дел од првотимците. Според нашите информации извесено е дека дефанзивецот Евгениј Новак се враќа во родната Украина во редовите на Зорја. Според најавите, еден од најголемите македонски таленти Марио Младеновски, пак, веќе побарал раскин на договорот и како слободен фудбалер заминува во полска Јагелонија, во чии редови брани репрезентативецот Дени Илиев.

Шкендија, пак, веќе има официјални понуди за двајца вардарови фудбалери, крилниот офанзивец Матеј Цветановски како и левокрилниот дефанзивец, Бразилецот Реис Жуниор. И двајцата се уште размислуваат околу можноста за трансфер во редовите на тетовскиот клуб.

Нескриен интерес од неколку европски екипи има и за услугите на 20-годишниот фудбалер од средниот ред Али Адем за кого уште во јануарскиот преоден рок имаше понуди од неколку суперлигаши од Турција.

Вардар, пак, до 30 јуни има рок да ги подмири заостанатите долгови од 2019 година, кои според проценките изнесуваат околу два милиони евра, за да добие лиценца за европски настап.

Се вчитува...