Бехрами пред Србија: Фудбалот е за уживање, не е војна

Дел од албанските фудбалери во швајцарската репрезентација се обидоа да стават политичка конотација на вечерашниот дуел со Србија, но Валон Бехрами јасно стави до знаење дека нема простор за такви игри на фудбалскиот терен. Овој искусен играч за врска, кој извонредно го чуваше Нејмар против Бразил, истакна дека не смее да се урива реномето на овој спорт со политика, пред се поради многуте деца на кои репрезентативците им се идоли во животот.

„Не кријам, мојот прв натпревар против Албанија беше емотивно компликуван, но имаше причина да се чувствувам чудно. Сега играме со Србија, тоа е за мене нормален противник. Има такви кои велат дека фудбалот е војна… тоа е претстава, можност за уживање. Ништо нема да се случи, ние сме фудбалери, примери за многу деца. Каква слика би им оставил на помладите ако кажам дека ќе мораме да влеземе со убиствен инстинкт? Ние секогаш играме максимално, прашајте го Нејмар… затоа и велам дека дуелот со Србија ќе биде како и со секој друг противник“ – изјави Бехрами.

Србија влегува во овој натпревар со три бода, пред Швајцарија и Бразил со по еден и Костарика, која е без бодови по првото коло.

Се вчитува...