Актуелниот европски шампион Словенија ја помина првата елиминациска пречка откако славеше против Белгија со 88-72 за пласман во четвртфиналето од Евробаскетот. Белгијците повторно се покажаа како незгоден противник, одиграа одлични 32. минути по кои имаа и минимално водство, но немаа сили за сензација во последната четвртина. На патот на Белгија застана неверојатниот Лука Дончиќ кој уште еднаш ја покажа својата вештина реализирајќи 35 поени.
Доброто отварање на натпреварот на Словенија и донесе предност од 11 поени (16-5) уште во воведните минути од натпреварот, но раното опуштање на Словенците знаеја да го искористат кошаркарите на Белгија. До крајот на првата четвртина негативата беше преполовена (24-19), а добрата игра на Белгијците продолжи и до полувремето. Лошатa одбрана на Словенците проследена со промашените зицери во нападот беа клучни за минимална предност од 44-41 на средина од средбата.
Словенија заигра далеку подобро во одбраната на отварањето на второто полувреме, но во немаше кој да му помогне на Лука Дончиќ за актуелниот европски шампион да стигне до висока предност. Белгијците ги служеше шутот за три поени па со две погодени обиди во завршницата на третата четвртина стигнаа до негатива од 63-60. Добрата игра на Белгија и донесе предност од 63-64 на отварањето на одлучувачките десет минути, но тајм-аутот на Секулиќ ги консолидираше редовите на Словенија.
Белгија потфрли во нападот и за речиси шест минути постигна само еден кош, а на крилја на Дончиќ „змајчеги“ ја вратија предноста. На асот на Далас му се приклучија и Драгиќ и Препелиќ па со серија од 15-1 стигнаа до двоцифрена предност (78-65) и ги решија дилемите за победник.
Лука Дончиќ на 35-те поени додаде и 5 скока и 5 асистенции, а него го следше Препелиќ со 13 поени. 16 поени и 4 скока за Белгија постигна Лекомб, додека со дабл-дабл од 15 поени и 10 скока мечот го заврши Жиле.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА