Белингем го избра Реал Мадрид

Реал Мадрид ќе биде следната дестинација на Џуд Белингем откако англискиот репрезентативец ги договорил личните услови за преселба на „Сантијаго Бернабеу“. Клупските директори на Реал во последните триесетина дена имаа неколку состаноци со таткото на Белингем, кој дејствува и како агент на англискиот суперталент, убедувајќи го од неколкуте понудина маса да ја избере токму онаа на најтрофејниот европски клуб.

Како што информираат мадридските медиуми, Флорентино Перез конечно го добил посакуваното „Да“ од Белингем, кој ги прифатил понудените услови за петгодишен договор со шпанскиот гигант. Англичанецот долго време размислуваше за камбек во татковината, омилена дестинација му беше Ливерпул, но откако „црвените“ самите се повлекоа од оваа трка, Белингем на крајот се реши да се пресели во Шпанија.

Реал сака да го комплетира трансферот уште во текот на оваа сезона, а преговорите со Борусија Дортмунд се закажани за почетокот на месец мај. Според неофицијалните информации, понудата на „кралевите“ ќе изнесува 150 милиони евра, од кои 100 милиони се загарантирани со потписот на договорот, а останатите 50 ќе бидат врзани со неколку клаузули.

Се вчитува...