Берлускони: Кака и Ибрахимовиќ „во пакет“ во Монца

Силвио Берлускони е горд на својот нов фудбалски проект, откако поранешниот газда на Милан со тимот на Монца експресно успеа да влезе од третата во втората италијанска лига. Со тоа растат и амбициите за наредната сезона во која поранешниот италијански премиер посакува влез во елитното фудбалско друштво. За остварување на таа цел, Берлускони ќе се обиде во Монца да донесе две поранешни „ѕвезди“ на Милан, Златан Ибрахимовиќ и Рикардо Кака.

Најголемиот аплауз за нашиот влез во Серија Б го заслужува Адријано Галијани, кој го склопи тимот заедно со тренерот. Јас лично секогаш зборувам со фудбалерите, го мотивирам и на тој начин придонесувам. Не е тајна дека сме заинтересирани за Ибрахимовиќ и за Кака, двајца фудбалери со кои сум силно поврзан од минатото. Од нефудбалски причини досега не бевме во можност да ги доведеме, но јас секогаш велам „никогаш не вели никогаш“, пак ќе се обидеме и можеби овојпат ќе успееме“, истакна Берлускони за „Телеломбардија“.

Ибрахимовиќ има договор со Милан до крајот на сезонава и летово би можел да ги промени клупските бои, а на маса има понуди од Хамарби и од Болоња. Многу потешко ќе биде да се убеди Кака на камбек на фудбалските терени, ако се знае дека бразилскиот ас речиси три години е „пензионер“.

Сепак, како што порачува самиот претседател на Монца – никогаш не вели никогаш, особено кога е Силвио Берлускони во прашање.

Се вчитува...