Безусловната доверба за Петровиќ траеше само 10 месеци

Миленикот на навивачите на МЗТ Скопје, Александар Петровиќ во новата епизода во клубот од Аеродром издржа само 10 месеци. Искусниот стратег „жешкото столче“ го наследи од Дарко Радуловиќ кој за тогаш новото раководството на „сино-белите“ не ги исполни очекувањата, а и покрај тоа што на 50-годишникот му беше дадена безусловна доверба тој официјално заминува по лошата полусезона во АБА.

Петровиќ и при самиот ангажман во Аеродром изјавуваше дека на тимот му е потребна свежина со млади кошаркари, но не само што изминатото лето „металците“ не ангажираа играчи по желба на тренерот и неговиот стил на кошарка, туку не успеаја да ги задржат и оние стандардни од претходната сезона како Бре Ајви кој поради неисплатени примања замина од Скопје пред еден од клучните натпревари против Борац Чачак.

„Во МЗТ треба да играат најдобрите млади играчи од Македонија, кои и се на прагот на репрезентацијата. Јасно е дека нема да се откажеме од искусните играчи, но мораме да донесеме „нова крв“ и свежина. Во моментот гледам да ја завршам оваа сезона како што треба, а промените ќе ги правиме во иднина“, изјави Петровиќ на првата пресконференција.

Отказот на Петровиќ доаѓа по поразот од Сплит на домашен терен во четвртокот, пораз кој сепак мора да му се препише на самиот Петровиќ кој катастрофално реагираше кога неговиот тим се најде во „бездна“ со само два постигнати поени за речиси 8 минути игра, и го доведе својот тим во лоша положба за исполнување на амбицијата.

Јасно е дека „сино-белите“ и покрај само двете победи во 12. одиграни средби се уште имаат шанси за обезбедување на опстанок, но новиот стратег го чека тешка задача да стигне до изненадувања против тимовите од горниот дел на табелата, а и да слави на жешките терени во Чачак и Сплит. Кому ќе му припадне „невозможната мисија“ останува да видиме во следните денови.

Се вчитува...