Многу работи не функционираат онака како што треба во македонската кошарка, но она што најмногу од се разочарува – односот не неспособните клупски управи кои избрани од градоначалниците наместо да создаваат услови за кошаркарски напредок, го прават токму спротивното. Премногу во изминатиот период беше напишано за неспособноста на првиот човек на МЗТ Скопје, токму фијаското од управа на КК Куманово придонесе оваа екипа да се најде на работ на амбисот, а на листата на неспособни управи се приклучи и вицешампионот Пелистер.
Битолчани денеска го играат својот меч на Ф8 турнирот од АБА2 лигата против Хелиос, а шансите за изненадување против фаворитот им се сведоа на теорија, откако поради неспособност на раководството со тимот во Словенија не отпатуваа двајцата американски кошаркари, Данте Карутерс и Кени Карпентер. Причината не е финансиска, туку административна, откако клупските директори не успеале навреме да го регулираат престојот на Карутерс и Карпентер во државата.
Имено, по нивното враќање назад во Пелистер по новогодишните празници престојот на двајцата Американци бил продолжен за три месеци, но управата покажала апсолутна непособност не успевајќи да ја заврши целата процедура навреме за тие на 12 април да можат да играат во Словенија на завршниот турнир од АБА2 лигата. Шансите на битолчани за изненадување секако беа мали, но спортски беше да се излезе на терен и со најсилен состав да се даде се од себе за да се стигне до сензација.
Вака, без Карпентер и Карутерс, кои се убедливо најефикасни заедно со Хаџифејзовиќ, битолчани одат на „отстрел“ пред еден од главните фаворити за влез во АБА1.
Какви се директорите во клубовите, таква ни е и кошарката… И се дури во екипите не почне да се работи професионално, овој спорт во најголем дел ќе ни се сведе само на импровизација.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА