Битка за АБА опстанок: МЗТ знае како се слави против ФМП пред своите навивачи (ВИДЕО)

Битката за опстанок на МЗТ Скопје во АБА лигата продолжува денеска со 18 часот во СЦ „Јане Сандански“ каде „штрковите“ го пречекуваат српскиот состав ФМП во 20. коло од првенството.

На седум кола пред крајот на регуларниот дел од натпреварувањето „сино-белите“ немаат право на грешка, а и покрај тоа што гостинот претендира за влез во плеј-офот, со оглед на промените и потешкотиите во последниот период ова е добра шанса за избраниците на Николиќ да стигнат до триумфот број четири на регионалната сцена.

Тоа добро го знае и искусниот Бојан Крстевски кој верува дека со помош на верните навивачи денеска може да има „сино-бело“ славје во Аеродром.

„Пред нас е искучително важен натпревар во борбата за опстанок, во кој треба да го дадеме најдоброто од нас. Играме пред нашите верни навивачи кои верувам ќе бидат во голем број на трибините од каде ќе ни ја дадат потребната поддршка. Наша примарна цел е да ја искористиме предноста на домашен терен и на крајот да се радуваме на победа, кој ќе ни биде од голема помош за останатиот дел од сезоната во АБА“, вели Крстевски.

МЗТ Скопје беше блиску до победа против ФМП и во првиот меѓусебен натпревар одигран во Железник, но тогаш во неизвесната завршница славеше домаќинот. Билансот на победи и порази против „црвено-белите“ воедно и не е во полза на македонскиот состав, Србите досега забележаа четири триумфи, но единствениот во кој славеше МЗТ Скопје беше оној на домашен терен во сезоната 2016/17.

Се вчитува...