Битка за Купот на Македонија – лани беа Карпош соколи, годинава…

Со денешниот натпревар меѓу Карпош соколи и Работнички (13 часот) ќе биде означен стартот на завршниот турнир од Купот на Македонија во кошарка. Домаќин идентично како и минатата година ќе биде градот Кавадарци, кој во салата „Јасмин“ ќе ги пречека осумте аспиранти за трофејот во машка и четирите најдобри екипи во женска конкуренција.

„Соколите“ од Карпош се актуелни освојувачи на пехарот, но огромните финансиски проблеми придонесоа овој тим да биде значително ослабен, па јасно е дека оваа екипа е апсолутен аутсајдер, особено ако се знае дека за ривал во четвртфиналето го има Работнички, тимот што се уште не знае за пораз оваа натпреварувачка сезона. Избраниците на Марин Докузовски се фаворити за пехарот на овој трофеј, иако сите тренери на прес-конференцијата пред завршниот турнир потенцираа дека куп-натпреварувањата се специфични токму поради шансите за изненадувања.

Домаќинот Фени индустри ланската сезона во полуфиналето го зеде скалпот на МЗТ Скопје, но тешко дека ќе успее да го повтори успехот годинава, со оглед на бројните заминувања предизвикани од финансиските проблеми со кои се соочи кавадаречкиот клуб.

Блокотехна, која е најпријатно изненадување сезонава, за противник ќе го има тимот на АВ Охрид, додека најинтересен четвртфинален дуел треба да биде оној последниот, пресметката меѓу Куманово и Гостивар.

„Сите имаме исти желби бидејќи се работи за специфично натпреварување. Јас се надевам пред се на добра игра на нашата екипа и на добар резултат. Посакувам спортот да победи, нека биде празник на кошарката… што се однесува до Куманово, секое коло што ќе го минеме за нас е успех“ – изјави тренерот на Куманово, Александар Петровиќ.

Се вчитува...