Бјелецки му кажа збогум на ракометот

Европскиот ракомет останува посиромашен за една голема ѕвезда откако Карол Бјелецки објави дека на крајот од сезонава ќе ја заврши својата кариера. Полскиот „бомбардер“ минатата седмица обелодени дека една година предвреме ќе го раскине договорот со Кјелце, се шпекулираше со негова преселба во Бундес-лигата, но Бјелецки ги изненади сите со својата одлука.

„Сакам да ставам крај на шпекулациите околу мојата иднина. Откако ги анализирав моите настапи и тоа како се чувствувам, решив да ја завршам својата кариера. Веќе не можам да помогнам на начин каков што посакувам. Затоа, по последните две средби за Кјелце дефинитивно му кажувам збогум на ракометот“ – истакна 36-годишниот Бјелецки.

Најголем успех во неговата кариера е освојувањето на титулата европски првак со Кјелце пред две години, додека со селекцијата на Полска стигна до сребрен медал на СП што се одржа во Германија во 2007 година.

Се вчитува...