Иранската фудбалска репрезентација ќе може да пристигне во Соединетите Американски Држави еден ден порано пред секој од натпреварите што ќе ги игра на претстојното Светско првенство.
Ова го објави Министерството за внатрешна безбедност на САД, кое ги негираше тврдењата дека на иранската репрезентација и било дозволено да пристигне во САД само на денот на натпреварот и веднаш потоа да ја напушти земјата.
„Тие тврдења се лажни. Благодарение на дарежливоста на американскиот претседател Доналд Трамп, иранската репрезентација ќе може да пристигне еден ден пред своите натпревари“, изјави портпаролот на Министерството.
Поради американско-израелската војна против Иран, базата на иранската репрезентација за време на турнирот, кој се одржува во САД, Мексико и Канада, ќе биде во Мексико, наместо во американската сојузна држава Аризона, како што првично беше планирано.
Иран треба да ги игра сите три натпревари од групната фаза на западниот брег на САД, почнувајќи со натпревар против Нов Зеланд во Лос Анџелес на 15 јуни. Тимот ќе се соочи и со Белгија во Лос Анџелес и Египет во Сиетл подоцна во јуни.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
