Блажевски: Го надигравме Копенхаген и заслужено победивме

Вардар оствари минимална, но заслужена победа (1-0) над данскиот првак ФК Копенхаген, во првиот меч од третото квалификациско коло од Лигата на шампионите. Напаѓачот Дејан Блажевски овојпат доби шанса меѓу стартерите и беше перманентна опасност кон голот на Робин Олсен. Погодокот го постигна Џонатан Балотели, валоризирајќи ја подобрата игра на „црвено-црните“ на овој меч.

„Ни се оствари желбата да дојдеме до победа, па макар и минимална“, вели Блажевски за клупскиот сајт на Вардар. „Бевме подобри од противникот и сосема заслужено победивме. Сакавме да не примиме гол, и успеавме во тоа, а сега и со триумф одиме на реваншот во Данска. Имавме шанси да биде поубедливо, но не треба сега да жалиме. Ако се сеќавате на крајот можевме да примиме гол затоа што гостите имаа прилика да израмнат. Против вакви екипи нема многу простор, и секоја шанса мора да се користи. Сакавме победа, дојдовме до победа и сега остануваат уште тешки 90 минути“, истакнува напаѓачот.

Сега Вардар е на чекор до рајот, на чекор до историја, доколку го елиминира Копенхаген, ќе обезбеди учество во плејоф коло за групната фаза од Лигата на шампионите, а ќе има веќе обезбеден пласман во групите од Лигата на Европа, доколку не успее да влезе во елитата.

„Нашата цел е да поминеме понатаму. Сигурно дека ќе играме офанзивно, и нема да се браниме во Данска. Сакаме и таму да постигнеме гол. Не чека тежок реванш меч. Ќе има таму преку 30.000 гледачи кои ќе бидат на страната на домашните. Но, кога можевме да издржиме и да одиграме нерешено и против Малме, тогаш можеме и со Копенхаген. Ќе покажеме дека знаеме да играме фудбал и дека сето ова не е случајно, туку плод на напорна работа и на искуство со играње во Европа“, најавува Блажевски.

Се вчитува...