Блокотехна го „преслуша“ и Шкупи (103-88)

Блокотехна издвои нова победа во македонската Прва лига, овој пат на свое тло го совладаа тимот на Шкупи со резултат од 103-88. Гевгеличани одиграа фантастично во воведните минути во кои изградија сигурно водство и го сочуваа до самиот финиш. Кошаркарите на Енвер Мифтари се обидоа да пружат отпор со цел средбата да биде понеизвесна, но чаирчани имаа  само епизодно издание во текот на целата пресметка.

Избраниците на Марјан Илиевски одлично го отворија мечот, па со 33 поени во кошот на Шкупи ја освоија првата четвртина, благодарение на шутерски расположените Мијатовиќ и Ѓуроски, кои комбинираа пет тројки во првите 10 минути. Кон стартот на вториот период Блокотехна имаше и највисоки +21, но потоа Шкупи се потпре на младиот Виктор Серафимовски, кој реализираше 15 поени и практично сам ги врати во „живот“ гостите од Чаир. До паузата Шкупи успеа да ја намали негативата на само -6, а резултатот 49-43 ветуваше неизвесна кошарка во продолжението.

Во второто полувреме Блокотехна како да закасни со враќањето на теренот од паузата, па непосредно по почетокот на третиот период нивното водство„висеше“ на само три поени (60-57), но потоа на сцената стапи Боуен, реализираше високи 18 поени само во третата делница и обезбеди нова двоцифрена предност предност за домаќините. Во одлучувачките 10 минути Блокотехна влезе со +16, а таа предност беше доволна да се обезбедат нови бодови во првенството и да се доближат до Работнички на врвот на табелата.

Боуен беше најефикасниот кошаркар на Блокотехна со дабл-дабл учинок од 22 поени и 11 скока, Главчев реализираше еден поен помалку, Двејн застана на 16, Младеновиќ и Ѓуроски запишаа по 13 поени. За екипата на Шкупи покрај расположениот Серафимовски кој заврши со 22 поени, Рендолф се истакна како најефикасен со 25 поени.

Се вчитува...