Блокотехна го растури и Гостивар, за „цемент“ на второто место

Кошаркарите на Блокотехна ја продолжија серијата на извонредни резултати во 2018 година, надоврзувајќи се на победата над МЗТ Скопје со триумф на тешкото гостување во Гостивар, и тоа со убедливи 68-86.

Овој дуел требаше да биде дерби на колото, но неочекувано мина во доминација на гостите од Гевгелија, кои во првото полувреме стигнаа до двоцифрена предност, за на крајот да слават убедливо над незгодниот ривал. Пресудна беше фанатичната одбрана на Блокотехна во втората четвртина, кога гостиварци постигнаа само четири поени (4-16), а гостите создадоа предност што до крајот не само што ја контролираа, туку и ја зголемија за триумф од 18 поени разлика.

Ѓуроски и Мијатовиќ со по 16 поени беа најефикасни кај победничкиот тим, Бенџамин постигна 15 поени и осум скока, за „зацементирање“ на втората позиција на табелата.

Кожув на гостински терен славеше над Карпош соколи со 77-90, Мишковиќ со 23 и Пековиќ со 19 поени беа најефикасни кај тимот од Гевгелија.

Охрид ја оправда фаворитската улога против Пелистер триумфирајќи со 87-77, и тоа дури по продолжение од пет минути во кое домаќините славеа со 14-4.

Се вчитува...