Блокотехна пак го нокаутираше МЗТ Скопје

Блокотехна станува вистински кошмар за МЗТ Скопје откако амбициозниот тим од Гевгелија и во вториот овосезонски меч го зеде скалпот на шампионот, овојпат на домашен терен со резултат 96-88. Мечот го одбележа одлична кошарка до самиот финиш, кога настана голема тензија што резултираше со бркање на дел од претставниците на гостинскиот клуб на чело со Тони Грнчаров. Со оваа победа, Блокотехна уште повеќе се зацврсти на второто место на табелата, зад досега „перфектниот“ состав на Работнички.

МЗТ Скопје фуриозно стартуваше во нападот, шутевите од далечина влегуваа беспрекорно, па актуелниот првак набрзина поведе со 5-15. Марјан Илиевски побара тајмаут, а потоа Горан Главчев ја презеде одговорноста, набрзина постигна пет поени, враќајќи го во ритам наппадот на Блокотехна. Незгодна повреда на носот заработи Ѓорѓе Мајсторовиќ, кој се пресели на клупата и не се врати на теренот до крајот на мечот. Американецот Крофорд, кој дебитираше во дресот на МЗТ на денешното дерби, беше изненадување на стартот од натпреварот, постигнувајќи 12 поени веќе во стартната четвртина што „металците“ ја добија со 18-24.

Лукајиќ на стартот од вториот период се реши за експеримент, па на теренот истовремено се најдоа двајцата дебитанти плејмејкери Крофорд и Нешовиќ. Илиевски знаеше како да го искористи тоа и Блокотехна експресно се врати во мечот. Блокотехна заигра поцврсто во одбраната, па иако промаши неколку чисти шутеви од далечина домашниот тим ги дочека своите пет минути и пред крајот на полувремето предводен од Бенџамин, Ѓуроски и Главчев (поени и асистенција) дојде до најубедливи „плус пет“ (43-38). При овој резултат имаше дискутабилна судиска одлука по дуелот меѓу Мијатовиќ и Стојановски под кошот на МЗТ, арбитрите останаа неми, а Трајковски реализираше тројка на спротивната страна, за конечни 43-41 по 20 минути игра на овој дерби натпревар. „Металците“ во ова полувреме одлично ги служеше шутот од далечина, погодувајќи девет тројки од 16 обиди, но Блокотехна со одлична колективна игра сепак замина на одмор со минимална предност.

МЗТ подобро го почна и второто полувреме, овојпат одбраната со Нешовиќ и Крофорд делуваше многу поцврсто, Дамјан Стојановски заигра одлично во одбраната, потоа погоди и тројка на спротивната страна за водство на „сино-белите“ од 53-59 и тајмаут на Марјан Илиевски во 25. Минута од натпреварот. Судиите ја загубија контролата со неколку чудни одлуки на двете страни, придонесувајќи да се крене тензија на теренот.  Блокотехна успеа да се врати и со тројката на Младеновиќ дојде на „минус два“, за потоа Бенџамин од линијата за слободни фрлања да израмни на 65-65, резултат со кој заврши и третата четвртина.

Блокотехна ја стартуваше четвртата четвртина со тројки на Младеновиќ и на Казарновски, а единствен расположен за игра кај МЗТ во овој дел од мечот беше Крофорд, кој набрзина постигна шест поени. Лукајиќ стануваше се понервозен, па стратегот на актуелниот првак беше принуден да побара тајмаут откако Ѓуроски реализираше во рекетот за водство на Блокотехна од 77-71. По тајмаутот во игра се вратија Трајковски и Нешовиќ, МЗТ се приближи до 77-75, пред Бенџамин да одговори со пет поени во низа за водство од „плус седм“, најголемо за домаќините до тој момент на натпреварот. Во следниот напад тројка погоди и Главчев, за нокаут на шампионот и водство на Блоктоехна од 85-75.

Стратегот на „металците“ побара уште еден тајмаут, а потоа „сино-белите“ заиграат далеку подобро и ја преполовија предноста на гевгеличани на 87-82 на помалку од три минути до крајот. Бенџамин беше играчот што ја презеде одговорноста и погоди важен шут, но Крофорд одговори со положување на спротивната страна. Младеновиќ се лизна и ја загуби топкката, Трајковски лесно заби во контранапад, па дојде ред Илиевски да побара тајмаут, при водство на Блокотехна од 89-86 на сто секунди до крајот.

Следниот напад на домашниот тим заврши со бунар на Мијатовиќ, Трајковски  погоди едно од двете слободни фрлања, па Илиевски ги уфрли на теренот Ѓуроски и Смит на местото на Младеновиќ и Мијатовиќ. Страстите зовреа на 47 секунди до крајот, откако судиите досудија лична грешка на Дамјан Стојановски над Бенџамин, а веднаш потоа репрезентативецот доби техничка грешка за приговор. Во следниот напад „металците“ бараа прекршок, па во бурните реакции се вклучи и (се уште неименуваниот директор) Тони Грнчаров, по што настана хаос под еден од кошевите. По повеќеминутен прекин на крајот Грнчаров и неговите придружници беа исфрлени од салата, а мечот во тензична атмосфера заврши со резултат 96-88.

Бенџамин беше одличен со 24 поени, седум скока, осум аситенции, три украдени топки и две блокади, Казарновски постигна 18, а Главчев 12 поени за домашниот тим. Кај МЗТ Скопје најдобри поединци беа Крофорд со 27 и Трајковски со 21 постигнат поен.

Се вчитува...