Блокотехна се раздели од Дујковиќ и од Гоцевски

Блокотехна е во потрага по нов центар откако раководството на амбициозниот клуб од Гевгелија реши пред крајот на 2017 година да ја прекине соработката со Марко Дујковиќ и со Златко Гоцевски. Двајцата кошаркари немаа преголема минутажа во првиот дел од сезоната, па управата на клубот им се заблагодари на услугите, прекинувајќи ја соработката со нив.

Дујковиќ дојде на самиот почеток од сезоната и требаше да биде дополнително засилување за центарската линија, но „џинот“ не се снајде најдобро, остана во длабока сенка на Мијатовиќ и Казарновски и на крајот си ги спакува куферите. Заедно со него од Блокотехна си заминува и Гоцевски, кој лани беше меѓу најдобрите во дресот на Радовиш во настапите во Втората лига, но сезонава беше предалеку од посакуваната форма.

Блокотехна има извонреден старт во првата година од своето постоење, па тимот на Марјан Илиевски моментно е второпласиран во домашното првенство со скор од девет победи и два порази, а се наоѓа и на првата позиција во БИБЛ-лигата.

Се вчитува...