Боатенг како господин: Го разбирам Лев, и за мене некој постар мораше да се повлече

Бришењето на „ѕвезда“ од репрезентативниот список знае да предизвика бурни реакции, но Џером Боатенг не е од тие играчи кои фрлаат со дрва и камења по селекторот. Јоаким Лев денеска соопшти дека во иднина нема да смета на Боатенг, Милер и Хумелс, а прв со изјава се јави црномурестиот дефанзивец, како вистински господин прифаќајќи ја селекторската одлука.

„Јоаким Лев во искрен разговор ми соопшто зошто мисли дека не треба веќе да играм за репрезентацијата, бидејќи сака да им даде шанса на млади играчи. Го разбирам селекторот, и јас кога бев млад некои постари играчи се повлекуваа за да добијам шанса. Верувам дека можам да играм на највисоко ниво, ќе го потврдам тоа и во иднина, а репрезентацијата секогаш ќе ми остане во убави спомени“ – истакна Боатенг.

Зад името на дефанзивецот на Баерн Минхен остануваат 76 натпревари за Германија, еден постигнат гол и најзначајниот трофеј – оној за светски првак од Мундијалот во Бразил во 2014 година.

„Јас сум горд што го носев дресот на Германија и никогаш нема да го заборавам летото 2014 кога станавме светски првак. Секако, би сакал да имам пристојно простување од репрезентацијата, а на моите наследници им посакувам многу среќа во идните настапи“ – порача Џером Боатенг.

Се вчитува...