Боби Милевски: Очекуван беше емотивен и резултатски пад по оние два меча со гигантите Италија и Португалија, момците заслужуваат само респект за се што прават за репрезентацијата!

Селекторот на македонската репрезентација Боби Милевски во првата емисија од подкастот „Тоа е фудбалот“ со Златко Калински на тема престојното Светско фудбалско првенство 2022 во Катар, очекувано се осврна и на националниот тим.

Македонската репрезентација остана само на еден чекор до Мундијалот 2022 по одлично одиграните квалификации за СП и двете бараж-пресметки со гигантите Италија и Португалија. Останува разочарувањето што, по онаа голема победа над Италија среде Палермо, не се успеа да се изненади и Португалија во финалето на баражот, но нескриено е задоволството што сите резултати на Македонија силно одекнаа во фудбалскиот свет…

„Овие момци кои се во македонската репрезентација навистина заслужуваат комплетен респект за се што прават за нашиот национален тим и македонскиот фудбал. Поголемиот дел од нив беа дел од првото македонско учество на Европско првенство, она во Полска во 2017 година меѓу 12 најдобри млади репрезентации на Стариот континент, потоа продолжија во сениорската селекција до учество на ЕВРО 2020 и се до најголемиот успех кој го имал македонскиот фудбал а тоа е финалето од бараж за место на едно светско првенство“ – вели македонскиот селектор, веднаш дополнувајќи:

„Кога ќе се потсетиме на бараж-дуелите со Италија и со Португалија навистина постои некоја скриена горчина, разочараност што не успеавме да се најдеме на Светското првенство во Катар, посебно ако се погледне начинот на кој ги одигравме тие два дуели. Јас мора да кажам дека момците, не само тие два бараж натпревари, туку и комплетните квалификации за СП 2022 ги одиграа на едно високо ниво, и затоа може само да кажам дека е навистина штета што една победа против актуелен европски шампион не само што не беше доволна за место на Мундијал, туку не очекуваше и уште еден врвен противник како Португалија. Навистина е штета што се погодија двата најсилни можни противници во баражот, за да ете можеби дојдеме до заокружување на еден одличен пат до СП… Но, како и да е, сигурно не застануваме тука. Нема никакво разочарување. Напротив, продолжуваме понатака со сите сили во желбата за нови успешни настапи во квалификациите за ЕП 2024 кои секако од претходно ни беа главен фокус“.

Милевски потенцира дека по едни такви натпревари во баражот за СП сосема очекувано во професионалниот фудбал е да следи емотивен пад кај играчите, што од тренерски аспект значи и задолжително олабавување на фудбалерите од резултатски притисок низ извесен период како би се можело потоа низ максимален фокус да следи ново наметнување резултатски императив.

„И се она што ни следеше резултатски низ Лигата на нациите потоа беше навистина сосема нормално, и во светот на врвниот фудбал добро познато и очекувано. Затоа што мораше да има извесно емоцинално празнење по тие два натпревари на високо ниво против Италија и Португалија, и природно е да има и освежување во играчките редови. Затоа што ние мора сите заедно да сме свесни дека Македонија нема широк избор на врвни репрезентативци кои ќе може да се ротираат низ задолжителните резултатските падови, па тие да бидат што побезболни ако е можно. Па, во еден таков случај, ние моравме и свесно да дозволиме емотивен и резултатски пад низ лигата на нации, посебно и низ ситуации кога не можевме да сметаме на голем број стандардни репрезентативци, затоа што на сите од претходно ни беше јасно дека квалификациите за ЕП 2024 ќе бидат нашиот централен фокус. Но, и покрај сето тоа момците одиграа навистина на високо ниво и на ниту еден натпревар не беа надиграни од противниците, со исклучок на она едно полувреме со Грузија во Скопје“ – вели Милевски.

Македонската репрезентација, составена од фудбалери од домашното првенство, пак, во меѓувреме изминатиот месец одигра и повеќе од квалитетен натпревар со учесникот на СП 2022, Саудиска Арабија. Македонските прволигашки имиња загубија незаслужено минимално со 1-0, по случаен гол примен во последните минути, а не беше досуден очигледен пенал за Македонија во мечот кој беше од затворен тип.

„Кога дојде понудата од Судиска Арабија не се двоумевме многу за да ја прифатиме, затоа што сакавме да го почувствуваат играчите тоа поднебје и тој тип на противник, иако знаевме дека ќе бидеме само со домашни фудбалери. И среќен сум што момците покажаа дека, и покрај тоа што доаѓаат од лига која ни е таква каква што ни е, може да бидат максимално конкурентни одигрувајќи еднаков меч со постојан учесник на светските првенства кој заврши на првото место во квалификациите во група со Јапонија, Кина, Австралија… И, на страна сето тоа, нашите фудбалери одиграа натпревар за почит со тактички максимален одговор на противникот кој не заслужија да го загубат, затоа што примивме случаен гол, а во финишот свесно од страна на судијата не ни беше досуден пенал во два наврати. Но, целта за тој тест-меч беше исполнета а фудбалерите покажаа дека поседуваат потенцијал кој несомнено го имаме и кај нас“ – истакнува македонскиот селектор.

Се вчитува...