„Бомба“ од Автокоманда: Браќата Ниокас „во пакет“ потпишуваат за Металург

Металург тргнува моќно во планирањето на тимот за наредната сезона откако поранешниот македонски првак го договорил доаѓањето на двајцата поранешни француски репрезентативци, браќата близнаци Оливие и Кевин Ниокас се подготвени да потпишат за тимот од Автокоманда. Веста први ја објавија француските медиуми, кои тврдат дека браќата веќе ја прифатиле понудата на Металург, се со цел да си ја исполнат големата желба – да играат во ист клуб пред да ги завршат своите кариери (во јуни ќе наполнат по 35 години).

Оливие Ниокас сезонава е соиграч на Кире Лазаров во Нант, но поранешниот француски репрезентативец не добива минутажа од тренерот Ентрериос. Јасно е дека тој ќе мора да си замине летово, а понудата од Металург е најинтересна на неговата адреса бидејќи му дава можност да заигра со Кевин, кој исто така е на излезна врата, но од тимот на Бенфика.

„Веќе подолго време размислуваме за тоа, да заиграме заедно на професионалн ниво. Никогаш не се поклопивме, дури ниту во француската репрезентација“, истакна Оливие Ниокас неодамна во една своја колумна за француските медиуми.

Металург потпиша нов договор со тренерот Иван Марковски, договорено е и останувањето на Хорват и на Калуѓеровиќ, а во тек се преговори за останување на уште дел од првотимците за наредната сезона.

Се вчитува...