Италијанскиот весник „Ла Република“ утрово објави сензационална вест – Карим Бензема е подготвен на крајот од сезонава да си замине од Реал Мадрид и да се пресели во „Серија А“. Рома е клубот што сака да го доведе одличниот Французин во своите редови, а значаен фактор во преговорите ќе има Жозе Мурињо, кој имаше успешна соработка со Бензема додека седеше на клупата на Реал Мадрид.
Францускиот голгетер има уште една година од актуелниот договор со Реал, но честите повреди што ги имаше сезонава (дури осум) придонесоа „кралевите“ да се подготвуваат за ангажман на нов голгетер од светска класа на „Сантијаго Бернабеу“. Се споменуваат Мбапе и Халанд, како „план Б“ тука се и Влаховиќ и Осимен, јасен знак дека во Реал се решени повеќе да не зависат од головите на Бензема.
Мурињо сака да ја искористи ситуацијата и да го доведе овој одличен фудбалер на „Олимпико“. Рома се подготвува за продажба на Абрахам за најмалку 50 милиони евра, така што парите нема да бидат проблем за реализација на трансферот на францускиот ветеран. Според „Ла Република“, клучно ќе биде Рома да обезбеди учество во ЛШ за следната сезона, по што преговорите би се интензивирале и Бензема уште на самиот почеток од летниот преоден рок би пристигнал во Рим.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА