Бомбач: Оставивме душа на терен, но не беше доволно да се мине Вардар

Ракометарите на Пик Сегед никако не можат да го преболат вчерашниот дуел со Вардар, на кој ги имаа посакуваните „плус девет“, но потоа застанаа и не успеаја да се пласираат на Ф4 турнирот во Келн.

„Второто полувреме беше трагедија, да ја имаш предноста што ја посакуваш и да ја загубиш, не можеше да се случи полошо за нас. Сите жалиме за оние „црни“ десет минути, кога не функциониравме ниту во нападот ниту во одбраната. Со овие десет минути си ја упропастивме целата сезона“ – изјави искусниот Ричард Бодо.

Дејан Бомбач беше незапирлив за „вардарци“ во првото полувреме, но и Словенецот се вклопи во сивилото на својот тим во вторите 30 минути.

„Не е лесно да се игра на едно така високо ниво во текот на сите 60 минути. Првото полувреме беше најдоброто што го одигравме сезонава, но не успеавме да издржиме до крајот. Дадовме се од себе, ја оставивме душата на терен, но и тоа беше недоволно за да се елиминира ривал како Вардар. Разочарни сме, но мораме да останеме со кренати глави“ – истакна Бомбач.

Се вчитува...