Леонардо Бонучи по една година мината во Милан повторно е член на Јувентус. „Старата дама“ денеска ја одржа и официјалната промоција на која Бонучи си ја врати црно-белата „19-ка“ во свој посед и проговори за причината за одлуката за камбек.
„Се вратив во Јувентус бидејќи чувствував дека нешто ми недостига, сега сум пак среќен бидејќи знам дека сум дома. Голема благодарност до сите во клубот кои овозможија овој трансфер да се реализира, повторно сум во Јуве, а целта е иста – да се освојат што повеќе трофеи“ – изјави Бонучи.
Италијанскиот репрезентативец си замина од Јуве поради конфликтот со тренерот Масимилијано Алегри, но сега тој проблем е решен.
„Со Алегри имавме различни видувања за одредени фудбалски теми, но никогаш не престанавме да се почитуваме еден со друг. Кога решив да си заминам бев убеден дека сум во право, но како што минуваше времето увидов дека не сум размислил најприсебно за целокупната ситуација. Зборувавме со Алегри и се е во најдобар ред“ – откри дефанзивецот.
Навивачите му го немаат простено „неверството“ на Бонучи, но тој е оптимист дека експресно повторно ќе ги придобие симпатиите од трибините на „Алијанц арена“ во Торино.
„Ги разбирам навивачите, исто така и ги почитувам. Јас и кога си заминав во Милан најгласно им се заблагодарив на нив за прекрасниот однос што го имавме. Очекувам свирежи, но исто така и верувам во себе и знам дека свирежите ќе ги претворам во аплаузи“ – порачува Леонардо Бонучи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА