Борец не знае за пораз во Велес, не му простува и на Вардар!?

Со натпреварот меѓу Борец и Вардар денеска од 13 часот во Велес продолжуваат прволигашките возбудувања, по репрезентативната пауза.

Во шестиот натпревар сезонава на домашен терен Борец се соочува со Вардар, во обидот и натаму да остане непоразен во Велес каде низ досегашниот тек од сезоната има три победи и две ремија.

„Вардарци“, пак, и покрај веќе добро познатите проблеми со кои се соочуваат низ есенскиот дел од сезоната кој едвај чекаат да заврши, посакуваат да му се реваншираат на Борец за оној пораз во Скопје од 0-1 во првото коло од првенството.

„Како што ќе рече и селекторот Игор Ангеловски исто како и Македонија и Вардар не знае да игра на нерешено. Ќе се обидеме да доминираме во секој сегмент од играта и да дојдеме до посакуваните три бода. Борец на домашен терен секогаш е незгоден противник, а годинава играат доста солидно. Сепак и покрај сите проблеми јас сум тренер кој секогаш оди на победа и затоа така ќе биде и на овој меч. Иако на последниот меч против Струга се извлековме во финишот, на претходните натпревари среќата не беше на наша страна и во финишот губевме добиени натпревари. Затоа се надевам дека тоа сега ќе се промени и ќе дојдеме до три бода“, вели тренерот на Вардар, Александар Васоски.

ПРВА ЛИГА – 12. КОЛО (денеска, 13 ч.)

Велес: БОРЕЦ – ВАРДАР

УТРЕ (13 ч.)

Тетово: ШКЕНДИЈА – ШКУПИ

Скопје: РАБОТНИЧКИ – МАКЕДОНИЈА ЃП

Кратово: СИЛЕКС – БЕЛАСИЦА

Струмица: АК. ПАНДЕВ – ПЕЛИСТЕР

Струга: СТРУГА ТЛ – РЕНОВА

Се вчитува...