Борко Ристовски: Групата е лесна, но ние мора да бидеме максимално професионални

Со оглед на противниците што ќе ги има во квалификациите, Македонија не би требало да има посериозен проблем да го задржи континуитетот и да обезбеди пласман и на следното ЕП 2020 што ќе се одржи во Австрија, Шведска и Норвешка, за прв пат во проширен состав со 24 репрезентации. Македонските ракометари за пласман на ЕП 2020 ќе играат против Исланд, Грција и Турција.

Македонија е носител во групата и дефинитивно ја има фаворитската улога за освојување на првото место во групата.

„Мора да бидеме искрени и да признаеме дека групата е релативно лесна, доколку се тргне настрана репрезентацијата на Исланд. Со Грција игравме во баражот за СП 2015 и не верувам дека нешто многу е сменето кај нив и дека има некој голем напредок кој што треба да не загрижува. Репрезентацијата на Турција е комплетна непознаница за нас, меѓутоа верувам дека не се работи за репрезентација што може да ни направи проблем. Најголем ривал за првото место во групата во оваа конкуренција ќе ни биде селекцијата на Исланд. Сепак, без разлика на релативно лесната група, ние мора во секој натпревар да бидеме професионалци и нашите обврски да ги завршиме на нависоко можно ниво доколку сакаме да се надоградуваме како репрезентација. Се на се, не очекуваат лесни натпревари, но тоа не смее да не залаже и мора максимално сериозно и професионално да пристапиме кон овие квалификации“ – истакнува голманот на македонската репрезентација, Борко Ристовски.

Квалификациите за ЕП ќе се играат по стариот систем во три циклуси со по два натпревари. Пласман на ЕП 2020 обезбедуваат првите две репрезентации од секоја група и најдобрите четри третопласирани селекции во квалификациите.

Се вчитува...