Борко Ристовски: Мора да бидеме сите до еден сплотени, Вардар е најважен

Ракометарите на Вардар вчера ги стартуваа подготовките за продолжението од сезоната и пеколниот февруари кој ги очекува избраниците на Стевче Алушовски.

Голманот Борко Ристовски пред стартот на подготовките потенцира дека целиот тим на Вардар мора единствено позитивно да размислува единствено во насока на резултатски успеси во иднина.

„По зимската пауза ги почнуваме подготовките. Мора да минеме низ една добра подготовка за оној тежок месец февруари кој не очекува а кога не чекаат десет натпревари. Тоа е она што треба да не мотивира и да не држи сплотени во идеите, визиите и целите за оваа година“ – вели Ристовски, веднаш дополнувајќи:

„Паузата беше добредојдена за малку и да се одмориме, да се надминат и кај дел од ракометарите малите повреди. Имаме тежок распоред и токму поради тоа мора да останеме максимално фокусирани, присебни и цврсто на земја, и да се обидеме да ги вратиме оние два натпревари кои резултатски ни се ‘лизнаа’ во есенскиот дел. Затоа не чека многу работа низ овие 20 дена подготовки и мора да мислиме единствено на успесите на Вардар оваа година“.

Се вчитува...