Борко Ристовски пред ждрепката за СП 2019 – Минхен и Хрватска ни се по мерка

Машката ракометна репрезентација на Македонија утре ќе ги дознае противниците во групата од прелиминарната фаза на СП 2019 што ќе се одржи во јануари, во Германија и во Данска. Со ждрепката во Копенхаген (утре, 12.30 ч.) ќе бидат одредени четирите групи со по шест репрезентации.

Две од прелиминарните групи (А и Б) ќе се играат во Германија, домаќини се Берлин и Минхен, а две (Ц и Д) се во Данска, во Хернинг и во Копенхаген. Првите три репрезентации од овие групи формираат нови две групи во главната фаза (Хернинг и Келн), а тие што ќе се пласираат од 4 до 6 место, ќе играат во Президент купот (Келн и Копенхаген). Полуфиналето ќе се игра во Хамбург, а финалето на СП ќе биде во Хернинг.

Организаторите ја искористија можноста да „сместат“ по една репрезентација во секоја група, а Северна и Јужна Кореја добија покана до ИХФ да настапат како обединета репрезентација и тие ќе бидат сместени во Групата А (Берлин) со Германија. Во групата Б во Минхен, организаторите ја сместија Хрватска. Во Групата Ц во Хернинг ќе игра Шведска, а во групата Д во Копенхаген носител е Данска.

Македонија е рангирана во третиот шешир заедно со Катар, Германија и Австрија што значи дека во првата фаза ги избегнуваме овие противници. Во полудиригираната ждрепка за Македонија отпаѓа групата А во Берлин бидејќи таму веќе се сместени Германците. Од она што останува како опција изборот пред ждрепката е на втората „германска“ група во Минхен и дуел со Хрватска предводена од Лино Червар.

„Според мене за нас локациски во првата фаза Германија е многу подобра варијанта од Данска. Тоа значи групата во Минхен и дуел со Хрватска, зошто да не!“ – вели голманот на македонската репрезентација, Борко Ристовски.

Според рангирањето на репрезентациите, носители во првиот шешир ќе бидат Франција, Шпанија, Шведска и Данска. Бидејќи Швеѓаните и Данците веќе се распределени, како опција за групата Б во Михнен остануваат светскиот првак Франција и европскиот Шпанија…

„Интересни носители, пред се. Според нашиот квалитет и амбициите, мислам дека од првиот шешир репрезентација против која имаме најголеми шанси е Данска. Можеби звучи чудно, но мислам дека од таа група на носители, Данците најмногу ни одговараат. Од вториот шешир, според моменталната форма и промените, веќе реков, ни одговара Хрватска, а може и Русија. Мислам дека имаме квалитет да победиме било која репрезентација од четвртиот и од петтиот шешир, но сепак, најповолни според мене се Србија и репрезентациите од Пан-Америка. Од шестиот шешир јас би ја избрал Ангола. Се кога ќе се собере и одземе, нашите амбиции и пласманот во многу ќе зависта од ждрепката и од среќата. Јас се надевам дека ќе погодам барем половина и дека во јануари ќе имаме уште едно успешно големо натпреварување за цела Македонија“ – посакува Борко Ристовски.

За македонската решрезентација ова ќе биде вкупно шести настап на светските првенста, трети во серија. На претходното СП 2017 во Франција, македонската репрезентација заврши на 15.место, а најдобриот пласман на ракометните Мундијали и единствен во Топ 10 во светот, го бележиме на СП 2015 во Катар на кое Македонија беше девета.

Се вчитува...