„Боро Чурлевски“ ќе гори, Еурофарм Пелистер брка три гола против Нексе

Ракометниот вицешампион на Македонија, Еурофарм Пелистер вечерва ќе го пречека хрватскиот Нексе во реваншот од осминафиналната фаза во Лигата на Европа. Битолчани ќе имаат за задача да ја анулираат негативата од три гола (29-26) од првиот натпревар одигран во Нашице.

Тренерот на „зелено-белите“, Жељко Бабиќ вели дека иако капитенот Периќ не е 100 отсто подготвен тие одат да ја анулираат негативата против Нексе.

„Се подготвуваме нормално, иако имавме натпревар во саботата. Одигравме агресивно и добро, па победивме. Имавме видео анализа на Нексе, денеска ќе имаме тренинг со понизок интензитет, како и утре пред дуелот. Сметам дека екипата на Нексе по еден параметар е меѓу подобрите во Европа, ама не сакам да откријам за што се работи. Ние сме подготвени за реваншот. Периќ не е 100% подготвен, се враќа по повредата. Секако дека тој е важен играч, капитен е на тимот ама екипата покажа дека може да победува и без него. Сакам тој секогаш да е тука, но во Еурофарм Пелистер тимот е посилен од поединците“, изјави Бабиќ.

Пивотменот на битолчани, Елмир Граџан вели дека со пеколна атмосфера во „Боро Чурлевски“ верува дека ќе стигнат до победа над Нексе.

„Како што знаете сами, имаме две многу важни средби во април. Едната е да ја вратиме титулата во Битола со Вардар, но претходно играме реванш со Нексе во Европската лига. Ќе има многу борба, а ние ќе се обидеме да се вратиме од трите гола негатива. Се надеваме дека ќе бидеме победници. Во Хрватска одигравме динамичен натпревар. Треба да се очекува пеколна атмосфера, да ја искорисиме предноста на домашен терен и да се вратиме од негативата која е три гола. Значи враќањето на капитенот, ама ова е колективен спорт. Периќ е лидер и капитен, па мислам дека може да ни помогне“, изјави Граџан.

Натпреварот кој ќе се игра во арената „Боро Чурлевски“ во Битола е закажан за 18.45 часот.

Се вчитува...