Борусија пак е на „плус два“, Левандовски се посрамоти во Фрајбург

Борусија Дортмунд повторно има предност од два бода пред Баерн Минхен во трката за титулата во Бундес-лигата, откако „милионерите“ победија на домашен терен со Волфсбург, додека актуелниот првак се „сопна“ на навидум лесното гостување во Фрајбург.

Фудбалерите на Борусија до самиот крај се мачеа да го скршат отпорот на гостите, за потоа Пако Алкасер два пати да погоди во 89. и во 90. минута за огромна радост на домашните фанови во Дортмунд. Среќата е уште поголема откако Баерн не стигна до планираните три бода на гостувањето со Фрајбург, ремизирајќи 1-1 против големиот аутсајдер. Левандовски постигна прекрасен погодок за израмување пред крајот на првото полувреме, но Полјакот потоа се посрамоти во финишот од мечот.

Во последните десет минути тој имаше три идеални шанси да постигне победнички погодок, а најголемото промашување му беше кога се најде осамен на пет метри од противничкиот гол, но со глава шутираше многу непрецизно.

Резултати Германија: 

Борусија Д. – Волфсбург 2-0, Фортуна Д. – Борусија М. 3-1, Фрајбург – Баерн 1-1, Вердер – Мајнц 3-1, Нирнберг – Аугсбург 3-0.

Се вчитува...