Мечот меѓу Милвоки и Бостон требаше да биде дерби на Источната конференција, дуел на првопласираниот и второпласираниот тим на „истокот“, но наместо интересна пресметка домашните фанови го претрпеа најразочарувачкиот пораз сезонава, откако нивните миленици загубија со неверојатни 41 поен разлика (99-140).
Домашните кошаркари не знаеја што ги снајде, а мечот го загубија за само едно полувреме, откако на одмор заминаа со негатива од преубедливи 47-75. Бостон не застана, туку продолжи да доминира на теренот, на крајот стигнувајќи до преубедлив триумф како порака до главниот ривал на „истокот“. Тејтум постигна 40, а Браун 30 поени за победничкиот тим, додека во редовите на Милвоки најдобар поединец беше Адетокумбо, постигнувајќи 24 поени и 7 скокови.
Денвер лесно и убедливо загуби на домашен терен од Њу Орлеанс со 88-107, уште еднаш покажувајќи дека овој тим игра далеку послабо кога на теренот не е Никола Јокиќ. Српскиот центар поради ситна повреда на мускулот синоќешниот дуел го следеше од клупата, а кошаркарите на Њу Орлеанс знаеја како да го искористат тоа за да стигнат до рутински триумф. Инграм оствари трипл-дабл за победничкиот состав со 31 поен, 11 скокови и 10 асистенции, Меколум додаде 23 поени за Њу Орлеанс, додека Мареј со 21 поен и 7 асистенции беше најдобар поединец во таборот на Денвер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА