Браќата Ѓорѓиеви и се приклучија на репрезентацијата

Откако ги завршија клупските обврски, браќата Ѓорѓиеви му се приклучија на македонскиот репрезентативен одбојкарски табор што се подготвува за јануарските квалификации за Европското првенство во 2021-ва. Пристуството на коректорот и капитен Никола Ѓорѓиев, како и на техничарот Ѓорѓи Ѓорѓиев, ќе им овозможи на селекторот Матијашевиќ и на неговиот асистент Николиќ да одржуваат посилни и покомплетни тренинзи во пресрет на турнирот во Скопје од 11-ти до 16-ти јануари, кога во конкуренција на Турција и на Босна и Херцеговина, македонските одбојкари ќе се обидат вторпат да се пласираат на континенталните самити.

Претходно, утре и задутре, нашата селекција ќе ја тестира формата на два пријателски натпревара во Скопје против подмладениот состав на Бугарија. Потоа, македонските одбојкари ќе останат во изолација и ќе работат во арената „Борис Трајковски“ до 5-ти јануари кога ќе одат во Софија, каде што на Бадник и на Божиќ ќе одиграат уште еден тест двомеч со бугарскиот национален тим.

На софиските контроли, италијанскиот стратег Силвано Пранди, кој е на чело на бугарската репрезентација, се очекува да го искористи целиот играчки потенцијал на којшто смета за квалификациските дуели со Австрија и со Израел. Дотогаш и македонскиот тим ќе биде комплетен, затоа што по Нова година е планирано да пристигне техничарот Филип Деспотовски, кој се уште има клупски ангажман во Грција.

Се вчитува...